Во првите шест месеци од годината, односно во периодот јануари–јуни, вкупните приходи во Буџетот се реализирани во износ од 170 милијарди денари, што претставува раст од 8,6% во споредба со истиот период лани и реализација од над 45% од планираното, информира Министерството за финансии.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во своето експозе на собраниската комисиска расправа за ребалансот на Буџетот за 2026 година истакна дека јавните финансии се стабилни, а приходната страна се движи согласно очекувањата, додека расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и приоритетните развојни политики.
Таа нагласи дека најголемиот дел од приходите произлегува од редовната економска активност. Даночните приходи достигнале 96,7 милијарди денари, при што од данокот на додадена вредност се реализирани 43,3 милијарди денари, што претставува околу 44,7% од вкупните даночни приходи. Од данокот на личен доход се собрани 17,5 милијарди денари, од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а од акцизи 13,9 милијарди денари.
Според податоците, евидентен е раст на приходите од сите клучни даночни категории – данокот на личен доход за 11,7%, данокот на добивка за 14,5%, ДДВ за 16,4%, како и раст од 8,3% кај увозните давачки. Министерката оцени дека овие бројки се директна потврда за продолжена економска активност, раст на платите, работење на компаниите и подобрена наплата на приходите, како и намалување на сивата економија.
Во истиот период, социјалните придонеси како клучен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем изнесуваат 58,8 милијарди денари, што е зголемување од 7,5% на годишно ниво.
На расходната страна, Буџетот е реализиран во износ од 205,9 милијарди денари, при што средствата се насочени кон законските обврски и редовните исплати кон граѓаните и стопанството. Извршен е поврат на средства по основ на солидарниот данок во износ од 1,2 милијарди денари, додека за пензии се исплатени 58,1 милијарди денари, со што е обезбедена редовна исплата за сите пензионери.
За здравствениот систем се реализирани 25,5 милијарди денари, а за социјална заштита 7,6 милијарди денари. Кон општините се префрлени 15,1 милијарди денари во форма на блок-дотации, како и дополнителни 2,4 милијарди денари од ДДВ.
Државата во првата половина од годината редовно ги сервисирала и обврските кон кредиторите, при што за камати се исплатени 12 милијарди денари, а за отплата на главнина од домашен и надворешен долг 60,7 милијарди денари. Според министерката, финансиската дисциплина и навременото сервисирање на обврските се клучни за одржување на довербата на инвеститорите и меѓународните финансиски институции.
Таа нагласи дека политиката на расходната страна останува непроменета – редовна исплата на законските обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и фокус на развојните приоритети.
Посебен акцент, како што истакна, е ставен на капиталните инвестиции, кои во првото полугодие достигнале 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5% во однос на истиот период лани. Овие средства, според министерката, се вложуваат во патна и железничка инфраструктура, училишта, градинки, здравствени објекти, водоводи, енергетика и локален развој.
За Коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари, додека за инфраструктурни проекти во општините се вложени дополнителни 2,1 милијарди денари.
