Владата денеска ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се врши прилагодување на финансиските проекции на актуелните економски услови и се обезбедуваат дополнителни средства за реализација на капитални проекти и развојни политики.
На прес-конференција, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од движењата на енергетските пазари и меѓународните конфликти, но нагласи дека домашната економија и натаму покажува стабилност и позитивни трендови.
Според новите проекции, вкупните буџетски приходи се утврдени на 379,2 милијарди денари, додека даночните приходи остануваат речиси непроменети и се планирани на 213,2 милијарди денари.
На расходната страна, буџетот е ревидиран на 425,2 милијарди денари, а дополнителните средства ќе бидат насочени кон земјоделските субвенции, железничкиот транспорт, спортот, ученичкиот и студентскиот стандард, како и кон мерки за поддршка на социјално ранливите категории граѓани.
Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,1 милијарди денари или 4,1 проценти од бруто-домашниот производ. Според министерката, за првпат неговото зголемување главно се должи на растот на капиталните расходи и инвестициите во инфраструктурни проекти.
Капиталните инвестиции достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти во однос на првичниот Буџет.
Дополнителните средства ќе бидат вложени во изградбата на Коридорите 8 и 10-д, автопатот Скопје-Блаце, железничкиот Коридор VIII, водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, проекти за енергетска ефикасност, како и во изградба и реконструкција на образовни објекти, студентски домови и инфраструктура во руралните средини.
Со ребалансот се предвидува и зголемена поддршка за општините преку инвестиции во локалната патна и комунална инфраструктура, спортски и образовни капацитети, со цел рамномерен регионален развој и подобрување на условите за живот низ државата.
Финансирањето на буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долг, во вкупен износ од 76,4 милијарди денари, ќе се обезбедува преку домашно и странско задолжување. Од оваа сума, повеќе од 54 милијарди денари се наменети за сервисирање на обврските кон странските кредитори, додека околу 20 милијарди денари се предвидени за отплата на домашниот долг.
