Димитровска од ДКСК не дава оставка: „Жалам за комуникацијата со семејниот пријател, не влијаев на истрагата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска не си поднесува оставка од функцијата, откако заврши со забрана да ја врши дејноста. Таа стана дел од осомничените во случајот „Адитив“, поради оддавање службена тајна кон еден од опфатените во случајот за незаконска набавка на мазут. Во допис до медиумите, Димитровска изрази жалење за комуникацијата што ја имала со, како што вели, семеен пријател и немала никаква намера да влијае во истрагата.

„Мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор, по оваа мерка кон него јас престанувам со комуникација“, вели Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.

Поради случувањата со Димитровска, поранешни антикорупционери повикаа таа да си даде оставка, зашто се руши кредибилитетот и довербата на јавноста во Комисијата. Според Димитровска, кредибилитетот на институцијата не смее да биде оспорен и очекува брза разрешница за настанот.

„Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите шест членови на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена“, изјави Татјана Димитровска, претседателка на ДКСК.

Претходно, беше повикан и спикерот Африм Гаши да покрене постапка за разрешување на Димитровска, бидејќи Собранието ја има назначено. Тој одговори дека ќе почека на судската одлука. Но и најголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ истакнаа да се почека истрагата и не побараа оставка од Димитровска.