Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски предупредува дека новите системи за гранична контрола во Европската Унија создаваат сериозни проблеми за патниците, поради недоволна интегрираност и технички слабости.
Тој, повикувајќи се на лични искуства од патувања, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека системите за биометриска идентификација не функционираат синхронизирано меѓу земјите членки, што доведува до повторени проверки и задржувања на аеродромите.
„Иако идејата е податоците да се интегрираат, во пракса тоа не се случува. На секој влез и излез повторно се прават фотографии и се земаат отпечатоци од прсти, што значително го забавува протокот на патници“, изјави Димитровски.
Тој посочи и на конкретни случаи на технички проблеми, како на пример на аеродром во Берлин, каде што системот работел бавно, што дополнително ги пролонгирало процедурите.
Според него, ваквата состојба ги погодува сите патници од трети земји, вклучително и граѓаните на Северна Македонија, кои сè уште немаат статус на членка.
Во однос на можноста за олеснување на процедурите, особено за патувањата кон Грција, Димитровски нагласи дека станува збор за системски правила на ЕУ, во кои државите не можат директно да интервенираат.
Сепак, тој очекува дека ќе се најдат практични решенија, особено имајќи го предвид туристичкиот интерес.
„Грција има интерес да обезбеди побрз проток на патници, не само за нашите граѓани, туку и за туристите од регионот. Очекувам притисок од туристичкиот сектор за поефикасни решенија“, додаде Димитровски.
