Во Институтот за јавно здравје некој ги исклучил електричните осигурувачи на просториите во кои се чувале лабораториските реагенси за испитувања на заразни и незаразни болести, а не се знае мотивот или дали тоа е намерно направено. Според Марија Андонова, в.д. директорка на институтот, сомнителен е податокот дека од таблите со стотина осигурувачи се исклучени само оние на кои се приклучени фрижидерите и додава дека осигурувачите се наоѓаат во ходникот каде поминуваат сите вработени.
Поради сериозноста на можните штетни последици врз луѓето кои би можеле да бидат предизвикани од една таква постапка како и поради можноста да станува збор за кривично дело против државата како саботажа, обвинителството презеде мерки.
„Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена“, велат од Јавното обвнителство.
Случајот е откриен вчера а денеска во Институтот се вршат испитуваат реагенсите дали има оштетување бидејќи не се знае со сигурност колку време фрижидерите биле исклучени. Директорката соопшти дека во текот на денот ќе го објави официјалното вештачење со што ќе се знае дали реагенсите се исправни како и нивната количина.
