Вршителот на должноста директор на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Како што вели, одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.
Оставката следува по реакциите во јавноста за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони во споменикот „Македониум“ во Крушево, кој е заштитено културно наследство.
За случајот денеска изјава за новинарите даде и премиерот Мицкоски, кој рече дека ќе побара разрешување на директорот и на членовите Управниот одбор на институцијата, кои дозволиле изнајмување на „Македониумот“ за снимање музички спот.
Оџаклиески во оставката наведува дека во конкретниот случај не е прекршен ниеден закон, правилник или друг акт, ниту е постапено спротивно на која било одлука донесена од Управниот одбор на установата. Според него, станува збор за постапка што била дел од веќе воспоставена и претходно применувана практика во институцијата.
Сепак, како што вели тој, раководењето со јавна институција подразбира одговорност што не се исцрпува единствено во почитувањето на законските норми, туку подразбира и високи морални и етички стандарди, особено кога станува збор за довербата на јавноста.
„Иако немало намера за прекршување закон, правилник или одлука, направен е ненамерен пропуст во процената на начинот на кој одредена постапка може да биде разбрана од јавноста. За тоа чувствувам морална одговорност и затоа ја поднесувам оставката“, се вели во оставката на Оџаклиески.
Тој ѝ се извини на јавноста за настанатата недоумица и за ненамерниот пропуст, нагласувајќи дека извинувањето го упатува како израз на почит кон граѓаните и кон институцијата на која ѝ служел.
„НУ Историски музеј – Крушево е институција од особено значење за нашата културна и историска меморија. Нејзиниот углед и довербата на јавноста се поголеми од секоја функција и од секој поединец што во определен период ја извршува таа функција“, вели Оџаклиески во оставката, додавајќи дека ја поднесува со чиста совест во однос на законската одговорност, но со целосна свест за моралната одговорност како директор на јавна установа.

