Директорот на ЦИА ја предупредил Русија да не ги напаѓа сојузниците на НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За време на неговата посета на Москва, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф ја предупредил Русија да не ги напаѓа сојузниците на НАТО, објавија вчера „Волстрит журнал“ и „Политико“, повикувајќи се на анонимни извори.

Ретклиф во вторникот го посети рускиот главен град, но речиси ништо не беше објавено во јавноста во врска со содржината на неговите разговори, пренесува ДПА.

„Политико“ објави дека предупредувањето на Ретклиф било насочено кон можната ескалација која би ги вклучила источните сојузници на НАТО во балтичкиот регион. Тој, исто така, го повикал Кремљ да ја намали воената и финансиската поддршка за Иран, се наведува во написот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руските новински агенции, потврдил дека Ретклиф патувал во Москва на разговори „меѓу разузнавачките служби“. Песков, близок соработник на претседателот Владимир Путин, нагласил дека Путин не се сретнал со Ретклиф.

Посетата најверојатно била прва посета на Ретклиф на Москва во својство на директор на ЦИА. Последната позната посета на директор на ЦИА на Русија беше во 2021 година, кога тогашниот директор Вилијам Барнс отпатува во Москва и се сретна со Путин.

Барнс тогаш беше испратен од американскиот претседател Џо Бајден со цел да помогне во спречувањето на ескалација на конфликтот во Украина. Сепак, Путин во февруари 2022 година ја започна целосната инвазија на Украина.