За работно место во државната администрација граѓаните најчесто се принудени да ја сменат етничката припадност. Дали ваква пракса во државата навистина постои? Оценките на релевантните се различни.
Едни водат до констатација дека дискриминација по етничка основа при вработување постои
„Дискриминација во работните односи, да има, тоа е еден од видовите на дискриминација многу чест“, истакна Гордана Силјановска Давкова.
Сиљановска отфрла секаква можност за дискриминација по етничка основа во приватните фирми. Таму како што вели, таков клуч не смее да постои, но затоа пак според пратеничката постои во државните институции.
„До што се доведени луѓето е основното прашање. За да можат да си го остварат уставно гарантираното право на работа согласно членот 9 од Уставот, според кој сите се рамноправни и без оглед на етничката припадност… Тие мораат да го менуваат етничкиот статус за да можат да си го остварат ова право.. Длабоко треба да не размисли ова“, додава Силјановска Давкова.
Основен критериум за остварување на правото на работно место треба да биде стручноста и компетентноста,напоменува Сиљановска. На ист став и Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска .
„За нас сите граѓани се еднакви, независно за било која дискриминаторска основа говориме“, посочи Јагода Шахпаска.
За да се надмине ваквата пракса претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми напоменува дека треба да се донесат нови законски решенија .
„Одредените државни институции, Владата а и Парламентот треба да преземат конкретни чекори во тој правец за да се избегнат овие ситуации, кои се и незаконски и со кои се загрозува еден од основните уставни начела – Начелото за правична и соодветна застапеност“, вели Арбер Адеми.
Уште поизразени облици на дискриминација на која упатуваат релевантните се и дискриминацијата на Ромите, ЛГБТ заедницата , дискриминација на луѓето со попреченост и на жените. Ваквите појави ја наметнуваат итноста од донесување на Закон заштита од дискриминација кој сега е на јавна расправа .
