Во првите три месеци министерствата потрошија 408 милиони евра од 638 – те предвидени за буџетскиот дефицит за 2026 година. Во проценти, 64 од предвидениот дефицит за цела година. Ова значи дека до крајот на годината има уште 230 милиони евра за финансирање на буџетската дупка. Ако во преостанатите девет месеци наплатата на приходите не оди според планот или доспеат нови фактури и обврски кои не се предвидени со буџетот за оваа година, финансирањето ќе се прави на два начина. Или со нов, поголем буџетски дефицит, кој ќе биде предвиден со ребалансот на буџетот и ќе значи дополнително задолжување или со кратење на расходите. Секако, постои и трета можност, а таа е значително зголемување на приходите. Според министерката за финансии, брзото трошење на дефицитот не претставува никаква новина.
„Тоа се одлуки на министрите кои што сметаат дека во првиов квартал треба да ги исплатат обврските, нема да ги исплатат во вториот или во третиот, ќе ги исплатат во првиот. Тоа се планирани расходи кои што тие одлучуваат како ќе ги исплатат. Но тоа не значи дека до крајот на годината тие ќе добиваат дополнителни пари на расходна страна, затоа што нивните обврски ги сервисирале во првиот дел од годината.“, вели Гордана Димитиевска Кочоска.
Инаку, во првиот квартал од годината, прибирањето на неколку клучни даноци и давачки во буџетот се одвива со забавено темпо. Данокот на додадена вредност има реализација нешто над 20 отсто, или за скоро пет процентни поени под нивото што би се сметало за првиот квартал, односно околу 25 отсто. Исто така, прибирањето на акцизата се движи околу 18%. Според премиерот Христијан Мицкоски, ова е нормално движење за овој период од годината и не претставува отстапување.
„Така што во првиот квартал е секогаш така, и ако ги погледате податоците на 27. април, реализација на буџет, отприлика имаме некаде околу 29% од претпоставените приходи, некаде околу 33% од расходите, некаде околу 35% е реализацијата на капиталните инвестиции. Така што се си има своја поврзаност и сега за сега немаме простор за паника, граѓаните да се сигурни, безбедни, има кој да размислува, да води стабилни политики“, вели Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, во оваа најголема енергетска криза во историјата, иако ќе има предизвици, фокусот останува на одржување на стабилноста на буџетот и заштита на стандардот на граѓаните. Затоа во моментов се водат разговори со ОКТА за продолжување на попустот на горивата од два денари за бензин и три за дизелот. Исто така, во зависност од движењето на цените на меѓународните пазари, од мај можно е дополнително намалување на акцизите, при што за бензинот би се изедначила со таа на дизелот, односно би биле по четири денари за литар.
