Диви свињи се спуштаат во полошките ниви! Жителите стравуваат при берба и бараат мерки поради опасноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Она што досега се сметаше за проблем само во планинските предели, сега се приближи и до домовите на жителите во Полошкиот регион.

Изобилството од вода и храна во нивите со пченка и лубеници ги привлекува дивите свињи од планините над Тетово.

Жителите велат дека животните, тешки и над 100 килограми, слободно се движат и во текот на денот, без да се плашат од присуството на луѓето.

„Тие се тука веќе неколку месеци. Претходно штетите беа во индустриската зона, каде што правеа штети на пченката и градините. Сега, бидејќи овој дел има вода, доаѓаат тука. Пред два часа се појавија две диви свињи, кај дрвото, во нивите со пченка и лубеници. Ги кршат и ги јадат. Најлошо е што можат да нападнат некого, особено деца. Беа многу големи, над 100 килограми. Сега се тука, во пченката, и не знаеме како да ги избркаме“, изјави жителот Идриз Иљази.

Недостигот од храна во планинските предели ги принудува овие диви животни да се спуштаат кон земјоделските површини во регионот. Ситуацијата е уште позагрижувачка поради есенскиот период, кога земјоделците почесто мора да бидат присутни на нивите за берба на земјоделските производи. Тие велат дека сега на нивите одат со страв.

„Најголемата опасност е што можат да им нанесат повреди на луѓето, особено на децата. Дивите свињи не се плашат. Јас лично ги видов со свои очи оддалеку околу 50 метри. Се појавија овде бидејќи во планинските предели немаат што да јадат, додека тука има зеленило и полесно можат да се засолнат. Бараме од надлежните институции да преземат мерки и да ги отстранат“, рече Идриз Иљази, жител.

Жителите на Полошкиот регион итно апелираат до надлежните институции и ловечките друштва да преземат конкретни мерки за отстранување на дивите свињи од земјоделските површини, пред да се случи инцидент со последици по безбедноста на луѓето.