До 30 години ќе може да се конкурира за студентски дом – МОН со нови правила

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за образование и наука подготвува значајни измени на Законот за студентски стандард со кои ќе се воведат построги критериуми за сместување во студентските домови, како и санкции за студентите кои ќе го прекршуваат куќниот ред. Една од клучните новини е воведувањето максимална старосна граница од 30 години за аплицирање за сместување.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека анализите покажале оти дел од студентите со години останувале во домовите така што постојано ги презапишувале студиите и продолжувале да ги користат поволностите од студентското сместување.

„Детектиравме студенти кои со години се сместуваат во домовите, законски наоѓаат начини и ги користат услугите за 3.400 денари месечно, со покриени трошоци за храна, вода, струја и друго. Затоа максималната возраст за аплицирање ќе биде 30 години“, рече Јаневска.

Со законските измени се предвидуваат и построги дисциплински мерки. Студентите кои ќе направат потешки прекршоци, како уништување на инвентар, консумирање алкохол или недозволени супстанци, насилничко, агресивно или дискриминаторско однесување, ќе можат да добијат забрана за сместување во студентски дом во период од една до пет години.

Јаневска информираше дека паралелно се реализираат и големи инвестиции во студентските домови. Домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје се реконструираат според европски стандарди, а се очекува повторно да ги примат студентите од 1 октомври.

Осврнувајќи се на состојбата во студентските домови, министерката посочи дека ревизорските извештаи покажале големи разлики во управувањето. За дел од директорите, како што рече, се утврдени сериозни пропусти и наодите ќе бидат доставени до надлежните институции.

Во врска со студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, кој повеќе од една недела е без електрична енергија поради долг кон ЕВН, Јаневска рече дека е во тек постапка за избор на нов директор. Според неа, ќе се бара решение за подмирување на долговите и за сместување на студентите додека не започне најавената реконструкција.

Таа најави дека раководствата на домовите каде што ќе се утврдат неправилности ќе бидат сменети, а Министерството ќе ги достави ревизорските наоди до Обвинителството.

Во наредниот период, со финансиска поддршка од 86 милиони евра обезбедени од Европската Унија, Германската развојна банка и државата, ќе бидат реконструирани девет државни студентски домови и девет ресурсни центри за деца со попреченост.