Германската влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, денеска претстави широка пакет-реформа која ги опфаќа даночниот систем, пазарот на труд и јавната администрација, со цел да ја поттикне економијата и да го намали бирократскиот товар. Овие реформи се очекува целосно да стапат во сила во 2028 година.
При презентацијата на реформите, Мерц изјави дека целта е намалување на даноците и поедноставување на административните процедури, за Германија повторно да се врати на патот на економски раст.
Според владата, кога реформата ќе стапи во сила, семејство со две деца и оданочиви приходи од 60 илјади евра годишно ќе плаќа над 600 евра помалку данок во споредба со сегашниот систем.
Семејствата со ниски и средни приходи ќе плаќаат помалку даноци бидејќи поголем дел од нивните приходи нема да се оданочува, особено поради децата. Исто така, државата ќе ги зголеми финансиските додатоци за деца и ќе ги намали даноците на платите, што ќе значи повеќе пари кај граѓаните, но истовремено буџетот ќе изгуби околу 10 милијарди евра годишно од даночни приходи.
За да се надомести тој недостиг во буџетот, владата ќе ги зголеми даноците за богатите. Даночната стапка ќе изнесува 45 отсто за приходи над 250 илјади евра годишно и 47 отсто за приходи над 280 илјади евра.
Реформата го опфаќа и пазарот на труд. Министерката за труд Барбел Бас соопшти дека привремените договори за работа сега ќе можат да траат до четири години, со можност за продолжување до шест години. Исто така, ќе биде дозволено едно лице повторно да работи кај истиот работодавач со вакви договори, што претходно било поограничено.
Значајни промени се предвидени и кај боледувањата. Повеќе нема да се прифаќаат боледувања само преку телефон, туку работникот ќе мора да достави лекарско уверение уште од првиот ден на отсуство. Иако некои компании можат да имаат свои правила, ова ќе биде основното законско правило.
Една од целите на реформата е намалување на бирократијата, преку укинување на дел од обврските за известување кон државните институции, при што ќе останат само оние што министерствата ќе ги оценат како неопходни.
Исто така, се предвидува и зголемување на возраста за пензионирање на 67 години.
Овие реформи, според владата, имаат цел и да го сопрат растот на екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD).
