До последен момент верниците собрани по црквите – свештениците уверуваат дека опасност нема од ширење на вирусот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И покрај многубројните реакции во јавноста за собирањата на верниците по црквите, ниту денеска апелите не стигнаа до граѓаните. Од изутрина и на овој ден Велики Петок што се смета за еден од најтешките празници кога Исус Христос бил распнат на крст, не изостанаа гужвите по верските храмови. Соборната црква преполна со верници, се чекаа редици да влезат внатре. Голем дел од нив беа со маски, редарот на црквата воспоставуваше дистанца меѓу верниците. И кога се чинеше дека барем се одржува некаков ред, внатре прва грешка, еден по друг бакнуваа икони.

„Јас од ништо не се плашам, јас одам во црква од дете. Не се плашам од ништо. Само сега што вака се случи со времето со ситуацијата, многу лоша работа“, вели верник.

„Има убав ред. Беспрекорно е навистина, раздалечени се луѓето нема никаков проблем навистина. Од една врата се влегува од друга се излегува, не е ништо страшно“, додава верник.

„А кој, ги кажува тие препораки? Црквата е пред Владата“, вели верник.  

„Срушивме здравствен систем со лажиче“, „Зошто се затворени планините а се отворени црквите“, ова се само дел од реакциите на социјалните мрежи поради тоа што МПЦ не се откажа од верските обреди  и собирања пред Велигден. Свештените лица и натаму убедуваат дека нема опасност од ширење на вирусот.

„Сето она што е дадено како мерка од нашата Влада го запазуваме. Не сакаме да се направи дека ние сме причинителот на сето тоа и ќе го запазуваме. И во однос на причеста секојпат се запазува редот кој што ни е наложен околу вирусот. Ние ги преземаме сите мерки, зашто не ни е нас целта да се заразат верниците. Нека не се шират такви работи и такви фами“, истакнува Сашко Николовски.

Инаку, централниот дел од чествувањето на Велигден е во сабота пред полноќ кога вообичаено верниците се собираа во црквите за да го слават Христовото воскресение. Но овој пат тој нема да се одржи бидејќи од денеска почнува полицискиот час кој ќе трае до вторник. Наместо тоа верниците се повикуваат да излезат на своите тераси и балкони со запалени свеќи.