Добиваат пари за стан и за пат – Антикорупциска ги опомена пратениците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Народните избраници, од 2015 до 2019 потрошиле речиси 3 милиони евра само за патни трошоци, трошоци кои што ги плаќало Собранието од државниот буџет, извести Антикорупциската комисија. Во 2015 за патни трошоци на пратениците се исплатени нешто повеќе од 770 илјади евра додека во 2019, 390 илјади евра. Според оваа анализа трошоците на пратениците за пат од година во година бележеле пад.

-За 2015, исплатена е сума в износ од 770.883 евра

-За 2016, 698.797 евра

-За 2017, 512.000 евра

-За 2018, 522.930 евра

-За 2019, е исплатена сума во износ од 390.993 евра

Од друга страна, зголемени се трошоците на пратениците за стан за престој. Месечната исплата за кирија е 400 евра. Наспроти ова, 23 пратеници иако користат право на стан добиваат и пари за патни трошоци. Ова како што велат од Антикорупциска, го оправдувале со тоа што станот или нивната куќа не е поголема од 80 метри квадратни.

„23 пратеници имаат свој стан или стан на име на некој член од семејството, кој е со локација во Скопје, а освен тоа, овие пратеници добиваат пари и за одење и враќање од работа со автомобил, односно за пат до Скопје и назад. Износот на трошоците е 400 евра месечно бруто, а исплатата се врши врз основа на писмено барање кое содржи нивен потпис на нотар дека барателот нема имот или стан под наем или куќа со површина од најмалку 80 метри квадратни во Скопје“, велат од Антикорупциска.

Антикорупциска апелира новото парламентарно мнозинство  на дневен ред да ја стави точката за трошоци на пратениците барајќи средување на оваа проблематика преку законски регулативи.