Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, политичките аналитичари Владимир Божиновски и Петар Арсовски ги коментираа случувањата во коалицијата Влен и можноста за евентуални внатрешни турбуленции и повлекување на членови.
Божиновски беше воздржан во проценките, истакнувајќи дека во моментов е рано за конкретни заклучоци.
„Не може само да нагаѓаме“, кусо изјави Божиновски, потенцирајќи дека развојот на настаните ќе зависи од понатамошната динамика во коалицијата.
Арсовски, пак, посочи дека од политичка перспектива не е невообичаено да има несогласувања кога се обединуваат идеолошки различни партии.
„Не е неприродно кога се спојуваат хетерогени партии да има луѓе кои нема да се пронајдат во новата структура. Таму секогаш има борба за влијание и за дефинирање на сопствениот политички простор“, оцени Арсовски.
Тој додаде дека во рамки на Влен се вклучени партии со различни идеолошки профили – од центар-лево до центар-десно ориентирани субјекти, што дополнително ја усложнува интеграцијата.
„Имате субјекти кои не се целосно идеолошки компатибилни, и вакви процеси не се ниту невозможни ниту ненормални. Прашањето е дали целиот процес ќе ги издржи тие предизвици“, истакна Арсовски.
Според него, во оваа фаза не може да се очекуваат драматични пресврти, но клучно ќе биде како ќе се одвива понатамошната интеграција и како новиот политички субјект ќе биде прифатен од гласачите.
„Ова е само почеток. Од тоа како ќе продолжи процесот и дали ќе успее да се изгради функционален политички субјект, ќе зависи и дали ќе има посериозни внатрешни потреси“, заклучи Арсовски.
