Со 150 илјади евра Владата го реши проблемот на печалбарите кои создаваа гужва во текот на летото за вадење на патни исправи. 150 илјади евра чинат базните и мобилните станици кои МВР ќе ги инсталира во 15 конзуларно – дипломатски претставништва. Со ова се очекува да заврши голготата на граѓаните кои живеат во дијаспора и кои чекаат со месеци за добивање на овој документ. Сега граѓаните ќе можат да извадат патна исправа секој ден од неделата.
Тим на МВР се наоѓа во Германија за да инсталира базни станици во Бон, Берлин и Минхен – рече министерот Бујар Османи. Тој се надева дека до крајот на октомври, доколку такво нешто дозволат епидемиолошките услови, ќе бидат инсталирани сите. Граѓаните ќе можат да се сликаат и ќе ги остават нивните податоци кои потоа ќе бидат испратени во МВР за потврда.
„Во секое консуларно – дипломатско ќе имаме мобилни и базни станици и сега нема да има сликање само три пат во годината, туку секој работен ден граѓаните ќе имаат можност да вадат патни исправи како што прават граѓаните кај нас во Северна Македонија. Ве информирам дека моментално се инсталираат три базни станици во Германија и тоа во Минхен, Бон и Берлин, и од таму тимот ќе оди во Брисел“, истакна Бујар Османи.
Времето на чекање за пасош досега беше 4-5 месеци. Османи и Спасовски се согласија да се инсталираат базни станици во секоја земја каде што има поголем број наши граѓани и да го решат овој проблем. Пописот на дијаспората ни помогна да откриеме каде има повеќе граѓани на РСМ, рече Османи.
