Додека ДУИ бара одговорност, ВЛЕН вели дека ги решава проблемите што ДУИ ги остави отворени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тензиите околу протестот на албанските студенти за официјална употреба на албанскиот јазик предизвикаа силни политички судири меѓу ДУИ и коалицијата ВЛЕН. Повод беа видео-снимките објавени во медиумите, на кои се гледаат судири и полициска интервенција врз студентите од Тирана, кои дошле како поддршка на протестот во Скопје. Од ДУИ ги обвинуваат институциите за, како што велат, притисок и малтретирање врз албанските студенти, оценувајќи ја полициската интервенција како неприфатлива и спротивна на демократските стандарди.

„Ова не е јавен ред. Ова е политички притисок врз албанските студенти и врз секој глас што бара еднаквост. ДУИ бара оставка од заменик-министерот Астрит Исени. Бара итна одговорност од Министерство за внатрешни работи и јавно објаснување за секоја полициска постапка“, вели ДУИ.

Од друга страна, од ВЛЕН ги отфрлаат обвинувањата, тврдејќи дека ДУИ се обидува да го политизира студентското прашање за политички поени.

„На ДУИ и пропадна уште еден обид. На крајот се обидоа да се „исперат“ преку студентите. И тоа не им успеа. Студентите побараа правосудниот испит да биде и на албански јазик, можност што досега не постоеше. ВЛЕН му пристапи на овој проблем од корен“, вели Влен.

Инаку, пред два дена студентите кои дојдоа од Тирана како поддршка на протестот во Скопје беа задржани од македонската полиција на граничниот премин Блато, а потоа во медиумите беа објавени неколку видео-снимки на кои се гледаат судири и полициска интервенција врз студентите.