Додик: Политичките актери во РС ќе разговараат за молбата на Вучиќ за враќање во институциите на БиХ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, вечерва изјави дека политичките актери во Република Српска ќе разговараат за барањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, српските претставници да се вратат во институциите на БиХ.

Лидерот на најголемата партија во Република Српска, Сојузот на независни социјалдемократи, за РТС вечерва изјави дека одлуката за враќање на српските претставници во државните институции на БиХ ќе биде донесена во парламентот на ентитетот, а кој ќе се состане на почетокот на февруари.

-За нас е важна грижата што ја покажува претседателот Вучиќ и го разбираме контекстот во кој беше кажано. Ќе разговарам во Бања Лука со партнерите од власта и опозицијата. Вучиќ, исто така, изрази желба да види други актери во Република Српска и да разговора за тоа. Тоа ќе се случи во следните денови, рече Додик, кој денеска во Белград се сретна со српскиот претседател.

Кабинетот на српскиот претседателот по средбата соопшти дека Вучиќ побарал од Додик и од сите политички сили во Република Српска да учествуваат во работата на заедничките институции на БиХ и на најдобар начин да ги заштитат интересите на српскиот народ и на Република Српска.

Додик вечерва кажа и дека БиХ е „голема неволја и ретроградна идеја“ и повтори дека раководството на Република Српска сака само да се почитува Уставот на БиХ, односно Дејтонскиот договор со кој заврши војната во 1995 година.

-Клучното прашање е зошто Србите не можат да го добијат тоа што ние веќе го добивме и што е напишано во Дејтонскиот договор, точно е наведено дека БиХ припаѓа само тоа што и е експлицитно дадено на БиХ, а тоа што не и е експлицитно дадено им припаѓа на ентитетите. Тоа што ни е дадено, сега се сквернави преку одлуки за шуми и земјиште и многу повеќе, рече тој.

Додик б еше експлицитен дека „не чувствува одговорност“ што не се доби дел од помошта на Европската унија за БиХ, наведувајќи дека „целата помош што доаѓа од ЕУ е секогаш условена и политички мотивирана“.

-Не сме ние тие што тоа го запираат, но веруваме дека е клучно БиХ да се врати на уставниот систем и да го елиминира парауставниот систем што сега постои. Ние само бараме се да биде според Уставот на БиХ, но се почесто од странците слушаме дека тоа треба да го спроведат политиките што одат кон централизација. Немаме право да постапуваме спротивно на Уставот на БиХ, додаде Додик.