Постигнат рамковен договор меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави за фер и реципрочна трговија. Овој договор го објави американскиот Стејт департмент во кој се наведува дека со него се отвораат нови можности за македонските извозници и се продлабочува билатералната економска соработка. Заедничкото соопштение објавено од Стејт департментот опфаќа повеќе стратешки области и ги содржи следниве клучни точки.
Македонија целосно ги укинува царинските давачки за американски индустриски и земјоделски стоки.
САД задржуваат 15% тарифи, но ќе идентификуваат производи што може да добијат нула реципрочна стапка.
Двете држави ќе разгледуваат дополнителни прилагодувања на тарифите по финализирање на договорот.
САД и Македонија ќе работат на надминување на нетарифните бариери што влијаат врз билатералната трговија. Ќе се одржуваат редовни консултации за олеснување на увозот на американски земјоделски производи.
Во договорот како важен дел се наведува новиот гасен интерконектор со Грција, со кој Македонија ќе увезува американски течен природен гас. Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски го оцени договорот како важен и значаен исчекор во економската соработка со САД.
-Оваа заедничка изјава им обезбедува на нашите компании конкурентска предност, јасна регулаторна рамка, поголема предвидливост и посилна позиција на еден од најголемите пазари на светот. Следниот чекор е финализирање на договорот и спроведување на домашните процедури за негово стапување во сила. Нашата цел е јасна, повеќе извоз, повеќе инвестиции и повеќе добро платени работни места дома, изјави министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски пак нагласи дека овој договор е јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство со САД со што се зацврстува позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер. Ова е политика на конкретни резултати, чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници, напиша тој.
