Доктор од Прилеп позитивен на Ковид-19 – сите психолози од Демир Хисар во изолација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цело семејство на доктор од Прилеп е позитивно на коронавирус.

Иако знаел за тоа, сепак редовно ги извршувал своите работни активности во Психијатриската болница во Демир Хисар.

„Потврден е доктор психијатар што работел во Психијатриската болница во Демир Хисар. Тој е асимптоматски, меѓутоа имал позитивна семејна анамнеза епидемиолошка. Направен е тестот и тој е позитивен, а со оглед на тоа дека бил во комуникација со колегите направени се епидемолошки анкети и преземени се мерки за самоизолација“, истакна Венко Филипче.

На прашање на ТВ21, дали ќе се преземат мерки и санкции за одговорните лица во Болницата, Министерот Филипче вели дека доколку се утврди одговорност ќе се постави како и со претходните случаеви во Скопје и Охрид.

„Но поради претходниот контакт со колегите во болницата преземени се овие мерки. Немаше до сега информации, дека можеби е нешто различно, а доколку се утврди така како и што постапивме и при претходните случаеви во Струга, Охрид. Државниот санитарен здравствен инспекторат целосно ќе го испита случајот“, посочи Филипче.

Министерот изјави дека заедно со психијатрите од Скопје ја реорганизирале работата на болницата и до завршување на самоизолацијата на вработените ќе се ангажираат други доктори од Битола и Прилеп, а по потреба ќе бидат вклучени и психијатри од Охрид, Кичево, Гостивар и Тетово. Ќе се затвори и Центарот за ментално здравје во Прилеп, кој практично го управува болницата во Демир Хисар.

Во Психијатриската болница во Демир Хисар има над 300 пациенти и исто толку и вработени.

Инаку во изминатите 24 часа, регистрирани се нови 30 случаи позитивни на коронавирус во Македонија. Најповеќе во Скопје 14, а потоа следуваат Куманово – 8, Прилеп – 9 и Крива Паланка-1. Вкупниот број на заразени изнесува 384 лица.