Истражувачката репортерска лабораторија во документарен филм докажува како во Скопје се правеле експерименти со живи луѓе заразени со коронавирус, а болничките инфекции не биле пријавени кај властите.
Истражувањето го следи патот и методологијата на работењето на една од приватни клиники во земјава „Жан Митрев“.
Пациентот Никола Брезев, сега починат, престојувал во оваа приватна клиника. Според истражувањето, неговата состојба почнала да се влошува кога лекарите извршиле хемофилтрација, без да добијат дозвола од членовите на неговото семејство.
После тоа, пациентот бил опериран, по што доживеал срцев удар. Никогаш не се разбудил, вели неговата сопруга. Во клиниката Жан Митрев престојувал 2 месеци и се здобил со 5 бактерии во организмот. Според истражувањето на ИРЛ, крвта дадена на пациентот не била чиста, со што се појавиле некои бактерии.
На документарецот реагираа од клиниката Жан Митрев. Оттаму објавените информации ги нарекуваат пристрасни и невистинити.
„Навистина сме згрозени од тенденциозниот говор на омраза употребен кон нашата институција, како и од неточните наводи, односно од фабрикуваните информации кои единствено се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на Клиничката болница Жан Митрев. Очигледно е дека овие лажни информации се креирани со намера за целосно искривување на фактите кои се однесуваат на долгогодишната успешна работа на Клиничката болница Жан Митрев. каде што работат повеќе од 400 стручни и професионални лица под раководство на др Жан Митрев. Изнесените невистинити квалификации пласирани низ одредени медиуми деновиве се насочени кон намерно нарушување на честа и угледот на Клиничката болница и воопшто не кореспондираат со вистината“, велат од клиниката Жан Митрев.
Од Јавното обвинителство соопштуваат дека веќе ја започнале истрагата и го отвориле предметот наречен „Нечиста крв“.
Инаку, истражувањето се базира на 24 пријави на граѓани од Северна Македонија и Косово, кои биле истражувани речиси две години.
