Зголемена фреквенција на возила е забележана утринава на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, каде што возачите чекаат околу 40 минути за излез од државата, информираа од АМСМ.
Според информациите, најголем метеж е регистриран на јужната граница кон Грција, а на снимките од камерите во живо на Јавното претпријатие за државни патишта се забележуваат долги колони возила во сообраќајните ленти на двата гранични премини.
На останатите гранични премини во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од земјава.
Од АМСМ исто така информираа дека интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од урбаните средини е умерен и се одвива непречено и по суви коловози.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно со возилата, особено на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони. Како потенцијално ризични се посочуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
