Од 24 милиони евра, долгот на општина Тетово е намален на 23 милиони и 400 илјади евра, тврди градоначалникот, Биљал Касами. Вели дека долгот на училиштата е целосно отплатен, а намален е и долгот на Претпријатието за паркинзи. Зголемен е само долгот во Јавното комунално претпријатие, вели Касами.
„Општината од 14 милиони и 61 илјада евра, сега има 13 милиони и 119 илјади евра. Училиштата функционираат од акумулирани долгови, тоа се секојдневни обврски согласно буџетот што го имаат. Само Комуналното претпријатие има зголемен долг, односно од 9,7 е зголемен на 10,1 милиони, „Градски паркинг“ од 187 имаат 168 илјади. Значи долгот на општината од 24 милиони сега е 23 милиони и 400 илјади евра“, додаде Биљал Касами.
Според Касами само за камати, на општина Тетово ѝ се изнудени околу 1 милион евра и додава дека во општината е зголемен процентот на општинските даноци.
„Само на име казнена камата, оваа година извршителите од општината изнудиле близу милион евра. Наследените долгови ги објавивме, бидејќи граѓаните имаат право да знаат каде се трошат нивните пари. Благодарение на упорноста и максималната заложба, процесот на менаџирање со долгот се одвива успешно. Благодарни сме им и на граѓаните кои веруваат во нашата работа, а тоа се докажува и преку собирањето општински даноци“, вели Биљал Касами.
Со оглед на тоа дека Јавното комунално претпријатие сѐ уште има проблем со платите на вработените, Касами вели дека општината има краткорочен план за надминување на излез од оваа ситуација.
