Доналд Трамп му се закани на Иран: „Имаат последна шанса пред да бидат обезглавени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Американскиот претседател Доналд Трамп упати нови остри пораки кон Иран, предупредувајќи дека Техеран има „последна шанса“ да постигне договор со САД пред, како што рече, да се соочи со „обезглавување“.

„Мислам дека можеби ќе можеме да постигнеме нешто, но сакам да им дадам уште една последна шанса пред да бидат обезглавени“, изјави Трамп пред новинарите, повторувајќи ја заканата за можен голем воен напад врз Иран.

Тој истакна дека разговорите меѓу двете страни се во тек и дека се водат на барање на Иран, како и на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар.

„Ова е нивната последна шанса да потпишат добар договор“, порача американскиот претседател.

Од друга страна, Иран категорично негира дека во моментов се водат какви било директни разговори со САД. Претходно во текот на денот, Трамп ги обвини иранските власти за, како што рече, „неверојатно лицемерие“ поради демантите околу евентуалните преговори.

Новите изјави на Трамп дополнително ги зголемуваат тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, во време кога меѓународната заедница стравува од натамошна ескалација на конфликтот.