„Доста е“ пред Влада – бараат намалување на цената на струјата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со транспаренти дојдоа пред Влада за да го изразат својот револт за високите сметки за струја. Ова се демонстрантите од иницијативата „Доста е“. Но, кога застанаа пред Влада, еден полицаец им рече да се повлечат.

Откако се повлекоа, Кренар Лога од Иницијативата „Доста е“, рече дека уште во јули минатата година, премиерот Заев најавил дека ќе го намали ДДВ-то од 18 на 5%.

„Граѓанската иницијатива „Доста е“ како втора точка уште во јули 2020 година го постави  намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5%. Доколку оваа држава се стреми кон членство во ЕУ, овој предлог и оваа директива мора да се спроведат, друг излез нема. Во секоја членка на ЕУ, ДДВ-то за електрична енергија е од 5 до 9%, зависно од моќта и економскиот развој. Ако сакаме да се зачлениме во ЕУ, треба да им се придржуваме на правилата и директивите кои ги одредува ЕУ“, истакна Кренан Лога.

На 8-ми јануари, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во интервју за „МИА“, рече дека во моментов не се очекува поскапување на струјата и покрај намаленото производство од хидрокапацитетите во државата, коешто, пред сѐ, се должи на лошата хидрологија, поради што кон крајот на 2020 година имало потреба од увоз.

„ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Дали ќе увезува дополнително или не, тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија“, посочи Марко Бислимовски.

Активистите велат дека нема да се откажат од нивните барања.  Откако го завршија протестот, полицијата им рече да ги земат сосебе транспарентите, но веднаш штом си заминаа, еден од полицајците ги тргна паролите кои демонстрантите ги оставија пред Влада.