Доцни изградбата на училиште во Визбегово? Адеми: Застој во комплетирањето на документацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изградбата на училиштето во скопско Визбегово се одложува поради бирократски проблеми. Со години се ветува училиштен објект, но како што се чини учениците од оваа населба уште долго време ќе треба наставниот процес да го следат во училишта од другите населби.

Министерот за образование, Арбр Адеми вели дека одлагањето е заради комплетирањето на документацијата.

„Што се однесува до училиштето во Визбегово, имало позитивни активности од општина Бутел, но моите служби ме информираат дека има некаков застој во комплетирањето на документацијата. Ќе треба да се спроведе чистење на парцелата и истата од општината преку Министерството за транспорт да се додели на МОН како ние би аплицирале за дозвола за изградба.“, рече Адеми.

Истото го кажа и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски во декември минатата година, од што може да се заклучи дека овој проблем не е решен ниту по 6 месеци.

Се обидовме денеска да ја контактираме и општина Бутел, но од таму не одговарија на нашите повици. Пред неколку месеци на ова место беше поставена канализација со што се зголемија надежите на жителите дека ќе се изгради училиште за нивните деца. Но како што изгледа учениците од Визбегово и следната година ќе пешачат по 4 км за да стигнат до најблиското училиште.