Кривичен суд го прифати барањето на Обвинителството за гонење на организиран криминал за 17-те затворски полицајци кои вчера беа приведени. На полициските службеници им беа одредени мерки за претпазливост и притвор. Шест полицајци кои дозволиле затвореник осуден за убиство да се даде во бегство, добија мерка притвор од еден месец, а на другите 11 кои дозволиле затвореникот една недела да се шета слободно, им е одредена мерка на претпазливост. Судот им ги одзема патните исправи, им забрани излегување од дома, а се обврзани повремено да се пријават кај надлежниот орган.
„Предметниот јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“, според член 372, став 2 од Кривичен закони, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело“, велат од ЈО.
Станува збор за бегство на затвореник додека бил на медицински прегледи. Во придружба на двајца полицајци се упатил кон простор за да запали цигара. По половина час полицајците си заминале и му дозволиле да избега. Потоа полицајците не го пријавиле неговото бегство, а ни колегите од втора смена не го сториле тоа. Полицајците подоцна биле пронајдени на празен простор во болницата од припадници на интервентна полиција.
Но, кој е осуденикот кој избегал и поради кого беа уапсени 17 полицајци? Станува збор за Зулќифли Нуредини, или познат по прекарот Малиот Репки. Неколку години се криеше од правдата и изнудувал бизнисмени од регионот на Скопје, Тетово и Куманово. По објавувањето на централната потерница, Репки беше уапсен во октомври 2021 година во велешко Лавчане. Претходно имаше план за бегство во Германија. Во мај 2022 година Репки доби затворска казна од 8 и пол години. Неодамна на социјалните мрежи беа објавени фотографии од Репкит како престојува во Дубаи. Репки е поврзан со мафијашки групи, односно со групата на Дуќанџик, на покојниот Орхан Бајрами – Оки, Јетон Кривањева – Жила и Енес Исени – Лаци.
Инаку за 6 полицаци кои добија мерка притвор, според стореното кривично дело, се предвидува казна затвор од 1-10 години, а за другите 11, предвидената казна е од 3 месеци до 5 години.
