Драстичен пад на бројот на хируршки интервенции – недостиг на материјали, од Тетово пациенти се праќаат во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Драстично е намален бројот на хируршки интервенции на одделението за ортопедија во Клиничката болница во Тетово поради недостиг на материјали.

Пациентите се пренасочуваат кон Клиничкиот центар во Скопје, што им создава дополнителни трошоци и напор.

Кога го прашавме министерот за здравство во врска со ова, тој рече дека нема информации, додека директорот на болницата, Агим Бериша го потврди проблемот и најави дека наскоро ќе се распише тендер за набавка на овие материјали.

„Немам некоја конкретна информација, сигурно директорот ги знае тие работи“, вели Арбен Таравари.

„Работата е во застој бидејќи нема материјали. Овие денови ќе се распише тендер и верувам дека ќе се реши проблемот“, вели Агим Бериша

-Што се случува со пациентите кои имаат потреба од интервенции?

Засега се пренасочуваат кон скопските клиники, за жал таква е ситуацијата.

Телевизија 21 денес беше во одделението за ортопедија во Тетово за да ја провери состојбата. Раководителот на одделението, д-р Артон Незири, изјави дека во 2023 година се извршени 140 интервенции, додека оваа година само 10 – и тоа со преостанатите материјали.

„Веќе речиси една година чекаме на материјали кои постојано ги бараме. Овие материјали се неопходни за ортопедско-трауматолошките интервенции што во последно време се вршат во тетовската клиника. Како што е познато, сето тоа оди преку тендерски постапки, а нашето барање до управата е континуирано. Последниот пат кога беше прекинат тендерот беше во октомври и од тогаш немаме можност да поднесеме нови барања. Во 2023 година беа извршени 140 операции, во 2024 започнавме со 40, а во 2025 само 8“, вели Артон Незири.

Одделението за ортопедија во Тетово, покрај недостигот од материјали, се соочува и со недостиг на кадар и специјалисти. Во моментот има само 6 специјалисти, од кои двајца наскоро ќе заминат во пензија. Според бројот на население што го опслужуваат, потребни се најмалку 10 специјалисти.