Драстично намалување на цените на горивата: Дизелот поевтинува за 8 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто.

Новите цени ќе важат од 11 август 2026 година од 00:01 часот.

Според РКЕ, намалувањето е резултат на падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во споредба со претходната пресметка, бензините бележат пад од 6,186 отсто, дизелот за 10,435 отсто, екстра лесното масло за 8,138 отсто, додека мазутот поевтинува за 7,151 отсто.

Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар во периодот по кој се формирани цените е понизок за 1,0313 отсто.

Нови максимални цени на горивата:

  • Еуросупер БС-95: 87,00 денари/литар
  • Еуросупер БС-98: 89,00 денари/литар
  • Еуродизел БС (Д-Е V): 91,50 денари/литар
  • Екстра лесно масло 1 (ЕЛ-1): 92,50 денари/литар
  • Мазут М-1 НС: 43,538 денари/килограм

Бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 поевтинуваат за 4 денари за литар, додека цената на Еуродизелот се намалува за 8 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за 6 денари за литар, а мазутот М-1 НС се намалува за 2,881 денари за килограм.

Од РКЕ појаснуваат дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците на големо и мало можат да ги продаваат нафтените деривати и по цени пониски од утврдените максимални.