Дрон кој пренесувал „значителна количина експлозив“ утрово влегол во воздушниот простор на Бугарија и експлодирал во близина на границата со Романија и трансбалканскиот гасовод, по што се урнал во поле. Во инцидентот нема жртви, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев.
Според Радев, дронот експлодирал во непосредна близина на граничниот премин Кардам, во североисточниот дел на Бугарија, недалеку од Црното Море. Остатоците паднале на околу еден километар од компресорската станица на трансбалканскиот гасовод, кој ја поврзува Турција со Украина.
По итниот состанок на безбедносниот совет на владата, Радев потврди дека нема повредени или загинати.
„Бучавата од дронот била регистрирана од граничната полиција во Романија, а потоа бугарска патрола на граничната полиција слушнала силна експлозија и забележала густ црн чад“, изјави бугарскиот премиер.
Радев оцени дека количината на експлозивот најверојатно била значителна.
„Едно е сигурно – дронот носел значителна количина експлозив, бидејќи се слушнал од голема далечина и предизвикал толку висок столб црн чад“, рече тој.
Дронот се урнал во поле со сончогледи, а бугарските власти очекуваат истрагата да утврди за каков тип летало станува збор.
Радев нагласи дека не станува збор за мал рекреативен дрон, туку за „поголем дрон“.
Особено внимание предизвикува фактот што леталото не било откриено од ниту една од двете соседни земји.
„Како што и самите знаете, идентификувањето и неутрализирањето на овие дронови е голем предизвик“, изјави Радев.
