Државата им понудила по 200 денари за М2 – Блаце и Елез Хан на протест за експропријација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Го изорал земјиштето и го подготвил за сеење. Но, поради тоа што на ова место треба да се гради автопатот Скопје-Блаце, земјиштето ќе остане како што е, вели еден од сопствениците. На семејството Барди, државата му понудила 400 денари за м2 за едното и 200 денари за другото земјиште. Велат дека ова е навредлива цена, па затоа организираа протест заедно со сопствениците чие земјиште треба да се експроприра.

„Во 2001-та беше 12 и пол евра, а денеска во 2020 да ја купат по срамна и неразумна цена од 3 евра. Само во Македонија земјиштето се амортизира, да беше возило и да се амортизираше немаше да имаме проблем, бидејќи знаеме дека се амортизира. Само земјата не се амортизира, а вредноста ѝ расте. Јас имам документ и од општината дека во 2019-тата направив купопродажба на земјата и општината за данокот кој го платив ми ја процени со 3.200 денари. За 1062м, општината ми го процени земјиштето со 3 милиони денари, а јас платив данок од 100 илјади денари, односно 1.600 евра“, истакна Фати Барди.  

На протест излегоа жителите на селото Блаце и Елез Хан. Велат дека не се против изградбата на автопатот Скопје-Блаце, меѓутоа како што раскажуваат, на почеток им било ветено дека ќе добијат од 10 до 50 евра, а сега им понудиле само од 3 и пол до 10 евра.

„Изградбата автопатот не е од некој голем национален интерес, туку од државен интерес, бидејќи РСМ само со Р.Косово има трговски суфицит, со сите други земји РСМ има дефицит во трговската размена. Голем државен интерес е да се реализира овој автопат. Ние се согласуваме, не сме против, но не треба ние да бидеме оштетени, треба коректно и реално да ни се надомести земјата што ни се одзема. Ова е нашето барање“, посочи Рагип Дочи.

Револтираните сопственици велат дека земјата не им била проценета согласно местоположбата и дека не е направено вештачење.

„Валдет Џафери ни вети дека ќе се направи вештачење, а вештачењето било направено на 31.12. Нема никаква експертиза. Беше кажано дека ќе се третира согласно местоположбата на земјиштето, кај што е околу патот да има сосема друга вредност. Но, во оваа насока не е направено ништо“, додава Емин Калиси.

Ако не се постигне договор и ако земјиштето не биде платено како што им ветиле директорот на Бирото за судски вештачења, Валдет Џафери и вицепремиерот Бујар Османи, сопствениците велат дека ќе продолжат со протести, но овојпат се закануваат и со блокирање на патот. Бараат и средба со директорот Џафери, кој пак за ТВ21 рече дека ја разбира загриженоста на жителите на Блаце, но дека ова прашање не е во негови раце.

„Нашата институција и јас лично сме подготвени во секое време да контактираме со сопствениците на земјиштата и да видиме дали имаме некое друго можно решение. Но, не зависи сѐ само од Бирото за судски вештачења. Проценката на земјиштата во таа зона е направена согласно ценовникот и методологијата на општината во чиј атар спаѓаат тие парцели“, вели Валдет Џафери.

Бујар Османи пак, уверува дека цената од 50 евра што ја споменале, била за целиот автопат од 12км. Земјиштето на сопствениците се наоѓа од границата па сѐ до влезот на с.Блаце. Тие треба да се експроприраат, бидејќи за во март е најавено да стартува изградбата на првите два километра од автопатот Скопје-Блаце.