Државен софтвер за проверка каде има најниски цени – граѓните со еден клик ќе може да проверат и да решат каде да пазаруваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државата ќе им „црта“ на маркетите како на нивните веб страни да ги информираат граѓаните за висината на цените на производите.

Ова би требало да биде надоградување на правилникот кој стапи на сила на 18 април и со кој сите маркети, но и аптеки и продавачи на бела техника кои што имаат над 10 вработени мораат секојдневно, најдоцна до 10 часот наутро  да ги објават јавно и транспарентно цените на производите за тој ден.

„Па видовте какво изигрување имате од најсериозните маркети во државата кога ви постираат ексел табели на нешто што треба да биде пред се за потрошувачите, за нивните лојални клиенти. Затоа сме во постапка и ќе го смениме правилникот кој што е обврска по тој закон и ние практично ќе им нацртаме како треба да изгледаат тие веб страни и самата држава ќе финансира софтвер каде што тие маркети ќе бидат обврзани по одреден универзален програмски јазик да ги внесуваат параметрите. Државата и тој софтвер да ги генерира и да направиме еден простор каде што граѓаните ќе можат со еден клик да видат по единица на производ, односно по одреден производ каде има најниска цена“, вели Бојан Стојаноски.

Инаку, од самиот почеток, кога се донесе правилникот од страна на Министерството за економија за објавување на цените, можеше да се забележи дека во самата табела, недостасува графа која ќе овозможи следење на старата цена со новата, односно да може да се спореди цената од вчерашниот ден со денешниот.

Со ова, граѓаните не можат да ги следат промените на цените во самите маркери, бидејќи би требало да го имаат зачувано вчерашниот ценовник, па да го отворат денешниот па со мануелна проверка на над илјадници артикли да проверат дали некој производ е поскап или поевтин во споредба со претходниот ден.

Стојаноски не најави дека ова ќе се промени, туку потенцираше дека примарно за нив е граѓаните да можат да споредуваат цени помеѓу маркети. Тој исто така најави дека ако маркетите прават некои „финти“ и работат контра интересите на граѓаните и изигрувајќи го Законот за нефер трговски практики, државата ќе го спречи секој нелогичен раст на цените, повторно воведувајќи мерки до крајот на годината.