Државјанин на Македонија загина во Бугарија откако 19-годишник со автомобил влета во ресторан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Три лица, меѓу кои и државјанин на Македонија, загинаа во тешка несреќа што се случи ноќеска во бугарскиот град Разград, кога 19-годишен возач со автомобил влетал во полн ресторан.

Несреќата се случила околу 01:36 часот на улицата „Гранчарска“. Според информациите од бугарската полиција, младиот возач, кој управувал автомобил сопственост на неговиот татко, изгубил контрола врз возилото и удрил директно во терасата на ресторанот, каде во тој момент имало гости.

На самото место на несреќата животот го загубиле тројца мажи на возраст од 58, 62 и 64 години. Меѓу загинатите е и 58-годишен државјанин на Македонија, кој имал постојано живеалиште во Бугарија.

Бугарските власти информираа дека возачот веднаш бил тестиран за алкохол и наркотични средства – првичните тестови покажале негативен резултат. Земени се и примероци на крв и урина за дополнителни хемиски анализи. Обвинителството веќе ја отвори предистражната постапка.

Против 19-годишниот возач е поднесено обвинение, а надлежниот обвинител најави дека ќе бара изрекување на најстрога превентивна мерка – притвор.