Се сретнаа но не постигнаа конечен договор за законот за државјанство. Заев рече дека средбата со координаторите на парламентарните групи на АА и Алтернатива била конструктивна и дека се договориле за дел од точките, а за другиот поважен дел се договориле двете страни дека треба да ги разгледаат аргументите од двете страни и потоа повторно да се сретнат за една недела.
И координаторот на ПГ АА-ААА, Скендер Реџепи оцени дека се на добар пат за наоѓање решение за сите оние граѓани кои се без државјанство.
„И ние како коалиција не сме заинтересирани да бидеме црна овца во рамки на Собранието блокирајќи закони само за да го деблокираме законот за државјанство, затоа сметаме дека точките кои ги дискутиравме на средбата која само што заврши се важни и ќе треба да ги дискутираме истите и во рамки на групата заедно со лидерите на политичките партии. Секако од страна на Владата имаше предлог за креирање закон со преодни одредби кого ние ќе го дискутираме а од наша страна ние сме тие кои настојуваме независно од сите околности, ние инсистираме да има законско решение“, истакна Скендер Реџепи.
Во меѓувреме пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми рече дека од формирањето на коалицијата ДУИ-СДСМ, темата за државјанството го добила потребниот институционален третман.
„Да се имаат валидни документи во Управата за матични книги беше суштина на разговорите во функција на тоа да се има основа за добивање државјанство. Ова го имавме разговарано неколку пати во медиумите и веќе процесот е започнат во соработка на Управата за матични книги, МВР и Министерството за правда“, вели Арбр Адеми.
Тој рече дека годините додека е на власт ДУИ, над 13 илјади Албанци добиле државјанство и во моментов се подготвува добивање државјанство на над 2674 граѓани кои аплицирале за добивање државјанство.
