Дуда: Ако има „не“ од Бугарија ќе преземеме чекори – Изјавата на Радев ја оцени за надвор од реалноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се надевам дека новоформираната Влада на Бугарија ќе има поконструктивна позиција во поглед на пристапувањето на Македонија во Европската унија. Ова го изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, кој рече дека доколку Бугарија повторно и каже „Не“ на Македонија тогаш Полска лично ќе преземе одредени чекори

„Полска ја дава безрезервната поддршка на Република Северна Македонија за влез во Европската унија и тука би сакал јавно да изјавам дека доколку Бугарија и натаму реагира неконструктивно, односно каже – Не за влез на Република Северна Македонија во Европската унија, јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој Патоказ, односно документ кој што ќе послужи на Република Северна Македонија полесно да се справи со ова прашање за влез во Европската унија“, посочи Анджеј Дода.

Но на вчерашното тв-соочување бугарскиот претседател Румен Радев јасни стави на знаење дека нема намера да дозволи Македонија да ги почне преговорите. Се чудам зошто продолжуваат со некакви шпекулации дека ќе дозволам компромис со отворањето на вратата за преговори за членство пред да добиеме јасни и недвосмислени гаранции, рече Радев.

„Сакам да се обратам на бугарските граѓани и да ви гарантиран дека Бугарија не може да каже – да, пред да запре нарушувањето на човековите права на Бугарите во Северна Македонија, пред да се исполнат Копенхашките критериуми за членство во Европската унија, пред да се запре системската дебугаризација“, посочи Румен Радев.

На ваквата изјава на Радев шефот на македонската држава Стево Пендаровски со реакција дека таа е надвор од реалноста и дека сите права на граѓаните кои се изјасниле дека се Бугари се почитуваат.

„Станува збор за изјава која не е втемелена во реалноста и еве еден гол факт во таа насока. Во актуелниов момент и пред пописот и по пописот нема ниту ден пријавен случај на наш граѓанин кој се изјаснил како етнички Бугарин и живее во Република Северна Македонија и побарал заштита од нашите надлежни органи бидејќи тоа наводно му било оневозможено“, вели Стево Пендаровски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека тоновите што и натаму доаѓаат од нашиот источен сосед се загрижувачки.

„Очекувам разум кај новиот мандатар кај нашиот источен сосед, очекувам разум и кај старо-новиот претседател господинот Радев и конечно, би рекол оваа вештачка блокада да биде тргната и Македонија да ги почне преговорите со Европската унија. Да сумирам, јас лично сум оптимист и очекувам Брисел да го испорача тоа што овој народ и Македонија го имаат заслужено“, порача Христијан Мицкоски.

Советот на Европската унија треба да се одржи на 14 декември, кога ќе се знае дали Македонија ќе ги почне преговорите или повторно вратата на Унијата ќе остане затворена.