ДУИ бара објавување на кореспонденцијата меѓу општината и Уставниот суд – Општина Тетово: Ги почитувавме сите законски процедури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Демократската унија за интеграција – Огранок Тетово, официјално поднесе барање до Општина Тетово за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кое бара целосно објавување на службената кореспонденција. Според партијата, игнорирањето на барањата на Уставниот суд од страна на Општината и прикривањето на документацијата фрлаат сериозен сомнеж врз градоначалникот Билал Касами, од кого бараат итна одговорност.

„Самиот Уставен суд констатира дека Општина Тетово, во четири наврати во рок од една година, не ја доставила целосната побарана документација. Во три случаи молчела и Владата. Најскандалозно е што Судот се повикува на член 73 од Законот за локална самоуправа. Тој јасно предвидува дека ако Владата не одговори во рок од 60 дена од приемот на барањето, се смета дека согласноста е дадена и актот на Општината се прифаќа како што е предложен. Значи, доколку Општината доставела доказ дека барањето за согласност било испратено до Владата, молчењето на Владата немало да претставува правна пречка.“, вели Бејза Абдији.

Од Општина Тетово одговорија дека ги почитувале сите законски процедури и дека на секое барање од Уставниот суд одговориле институционално, без никакво доцнење или пропуст.

„Ги отфрламе сите дезинформации со кои се прави обид да се оцрни работата на општинската администрација. Целосна невистина е тврдењето дека Општината не одговорила. Со оглед дека станува збор за предмет стар повеќе од десет години, Општина Тетово, во целосна согласност со законот, ја побара соодветната документација од Државниот архив и официјално ја достави до Уставниот суд.“, велат од Општина Тетово.

Од Општината додаваат дека во наредните денови ќе ја објават целокупната службена кореспонденција со архивски броеви што се водела меѓу Општина Тетово и Уставниот суд, преку која, според нив, јасно ќе се утврди вистината.