Тетовскиот огранок на Демократската унија за интеграција го обвини градоначалникот на Општина Тетово дека го крие вистинскиот долг на институцијата со која раководи. Според Арбреша Незири од ДУИ, Општина Тетово има долг од 23 милиони евра според податоците на Министерството за финансии, додека дополнителни 8 милиони евра остануваат непријавени.
„Според податоците објавени од Министерството за финансии за вториот квартал од 2026 година, на 30 јуни, пријавените обврски изнесувале речиси 23 милиони евра. А според нашите информации, околу 8 милиони евра не се евидентирани, со што вкупниот долг на Општина Тетово изнесува над 31 милион евра. Затоа прашуваме: Како за два месеца се исплатени околу 20 милиони евра? Со кои средства и каде се доказите за исплатите? Основниот буџет за 2026 година изнесува 16,9 милиони евра. До половина од годината се реализирани 55%, во што се вклучени и средствата од унгарскиот кредит“, изјави Незири од огранокот на ДУИ од Тетово.
Од Општина Тетово денеска директно не ја коментираа прес-конференцијата на ДУИ, но изјавија дека остануваат на изјавата што самиот градоначалник ја даде еден ден претходно, во која истакна дека долгот кон извршителите изнесува околу 3 милиони евра и дека ќе биде исплатен во рок од неколку месеци.
„Општината од долг кој првично беше пријавен на 15 милиони евра, само за Општината зборуваме, но со казнените камати што ги плативме, тој долг достигна некаде до 20 милиони евра, а сега успеавме тој долг кон извршителите да го намалиме на околу 3 милиони. И работиме интензивно во следните два-три месеци и овие 2-3 милиони кон извршителите што ги имаме да ги исплатиме, односно да им ги исплатат извршителите, и конечно Општина Тетово да има финансиска ликвидност“, изјави пред неколку дена градочачалникот на Тетово, Билал Касами.
Касами, го доби својот прв мандат на крајот на 2021 година, а тогаш изјави дека вкупниот долг на општината, заедно со јавните претпријатија и училиштата, изнесувал околу 24 милиони евра.
