ДУИ го предизвика ВЛЕН за предвремени избори – ВЛЕН возвраќа: Ја губите поддршката од Албанците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ повторно ја предизвикува власта за предвремени избори. Интегративците го обвинуваат ВЛЕН дека молчи за барањето за избори, тврдејќи дека избегнува соочување со граѓаните од страв од резултатот.

– Поминаа 24 часа од барањето за предвремени парламентарни избори. Од ВЛЕН сè уште ниту збор. Тие што го погазија легитимитетот, сега се кријат штом од нив се бара легитимитетот да го измерат пред граѓаните. ВЛЕН знае дека го немал и го нема мнозинството од поддршката на Албанците. Знае дека неговата власт се потпира на милоста на политичките газди и на стравот од слободниот глас. Ако добиле дозвола, нека ги прифатат предвремените избори. Нивното молчење веќе е одговор: се плашат од граѓаните и од пресудата што ги очекува, велат од ДУИ.

На барањето на ДУИ, ВЛЕН одговара обвинувајќи ја партијата на Ахмети дека ја изгубила поддршката од Албанците и дека, и покрај загубите на локалните избори, нејзините раководители не презеле политичка одговорност.

– Измамниците од ДУИ, пред да отворат уста за избори, треба да објаснат зошто никој во нивната партија не презеде политичка одговорност по поразот на локалните избори. Али Ахмети продолжи да продава магла со стариот трик на повлекување, Бујар Османи го загуби Чаир и остана потпретседател и главен играч за престолот на ДУИ, Бајрам Реџепи го загуби Тетово и остана во партиското раководство, додека Фатон Ахмети беше награден за својот изборен пораз со две нови функции во партијата, потпретседател и шеф на кабинетот на Али Ахмети, велат од ВЛЕН.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека неговата партија е подготвена за предвремени парламентарни избори, со подготвен тим и програма, но нагласи дека нема да служи како алиби за премиерот Мицкоски за распишување избори.

„Тоа го кажав неколкупати, секогаш сме подготвени и со тим и со добра програма, со план што ќе го презентираме, Мастер планот за Македонија, кој ќе го презентираме на почетокот на септември. Граѓаните ја знаат нашата понуда кога и да бидат изборите, но ‘алиби’ на Христијан Мицкоски за избори нема да бидеме“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека владата е подготвена да оди на предвремени избори доколку опозицијата го побара тоа, нагласувајќи дека владејачката коалиција не се плаши од соочување со граѓаните и изразувајќи уверување дека ќе ги добие изборите. Сепак, според него, граѓаните во моментов не бараат избори, додека мандатот на владата е четиригодишен.