Препукувањата околу Алта банка продолжуваат и во албанскиот политички блок. Блерим Сејдиу од ВЛЕН, во изјава пред медиумите, рече дека Владата во 2023 година донела одлука за влез на Алта банка во Македонија.
Тој посочи дека документите објавени од собраниската комисија покажуваат дека на 24 октомври 2023 година министрите од БУИ биле присутни, потписници и претседавале со владината седница на која бил одобрен влезот на банката во земјава. Според Сејдиу, одлуката била донесена од Министерството за финансии, со кое тогаш раководел Фатмир Бесими, заедно со другите министри од БУИ.
„Верувам дека таму многу јасно се наведени датумите, имињата и презимињата на министрите, како и лицата кои биле присутни на тогашната владина седница за одобрување на влезот на Алта банка. Значи, за Алта банка во Македонија одлучувало Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими, заедно со другите министри од ДУИ. Тоа се случило во октомври 2023 година“, изјави Сејдиу.
Од друга страна, генералниот секретар на ДУИ, Арбр Адеми, изјави дека Алта банка влегла во банкарскиот систем на Македонија во 2025 година, за време на актуелната влада, негирајќи ја вмешаноста на претходната влада на ДУИ и СДСМ. Според Адеми, тогашната влада во 2023 година презела чекори за заштита на државните интереси, а тој најави кривични пријави против лицата кои, според него, изнесувале клевети во врска со овој случај.
„На 10 септември 2025 година, Комисијата за хартии од вредност, предводена од Бујаре Абази, кадар на ВЛЕН, даде дозвола за купување на акциите на Стопанска банка од страна на Алта банка. На 16 октомври 2025 година, Алта банка стана сопственик на 93 проценти од банката во Битола. И самиот гувернер на Народната банка призна дека за влезот на Алта банка се консултирал со премиерот“, изјави Адеми.
Проблемите со Алта банка во Македонија следуваа по одземањето на лиценцата на нејзината матична банка во Србија. На 1 ноември, Народната банка ја стави банката во Битола под привремена администрација во траење од три месеци, со цел да се испита нејзината финансиска состојба.
Во меѓувреме, клиентите се соочија со ограничувања при повлекувањето и трансферот на пари, а околу 11.500 пензионери ги примаат пензиите преку оваа банка. Една од можностите за решавање на ситуацијата е пронаоѓање нов инвеститор.
