Демократската унија за интеграција преку соопштение ја критикуваше негативната одлука на Фондот за здравствено осигурување за недавање согласност за постојано вработување на 155 медицински сестри во Клиничката болница во Тетово. Партијата ја објави одлуката на фондот во јавноста и побара нејзино итно поништување.
„Демократската унија за интеграција го изразува своето огорчување и длабока загриженост поради одлуката на актуелната ВМРО-ВЛЕН влада да не даде согласност за постојано вработување на 155 медицински сестри во Клиничката болница во Тетово – професионални жени, мајки и столбови на стотици семејства, кои со години посветено служат на пациентите и на здравствениот систем на државата“, велат од ДУИ.
Билал Касами од коалицијата ВЛЕН ја префрли вината на поранешниот министер за здравство.
„Знаеме дека имаше смена на министерот и сега знаеме дека новиот министер ќе ја продолжи постапката. Верувам дека прашањето ќе се реши во рамките на министерството и тетовската болница ќе ги добие потребните вработувања за да ги обезбеди услугите. За жал, поранешниот министер, наместо да ги реши овие проблеми, кои одамна требаше да се решат, се занимаваше со други политички прашања“, вели Билал Касами од ВЛЕН.
Реагираше и министерот за здравство, Азир Алиу, кој увери дека 155-те вработени ќе добијат договори.
„Затоа денеска јасно кажуваме: 155 вработени во болницата во Тетово ќе добијат договори на неопределено време, точка. Постапката е завршена, ставивме крај на агонија која тие ја создадоа и ја одржуваа со години. Овој проблем траеше со години затоа што ДУИ со децении беше на власт и никогаш не се обиде да го реши. Дури и Арбен Таравари, додека беше министер, не направи ништо – само гледаше како овие луѓе се понижуваат со привремени договори и живеат во несигурност“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Во јуни, 155 медицински сестри во Тетово протестираа поради неисплатени плати и истечени договори. Подоцна добија шестмесечни договори и заостанати исплати, со ветување за постојано вработување.
