Од ДУИ најавија дека ќе бараат интерпелација за уставните судии. Ова стана јасно на седницата посветена на интерпелациите на членовите на Судскиот совет. За ДУИ, со ваквиот потег на власта се поткопуваат темелите на демократија и се вршат притисоци за оставка, но тие ќе вратат со исто средство за судиите од Уставниот суд кои, како што нагласија, задираат во албанскиот јазик.
„Ќе почнеме од Уставниот суд и сега набргу ќе поднесеме интерпелација за судиите на Уставниот суд коишто се избрани во овој дом. Значи, тие го допираат тоа што е недопирливо, таму каде што никој не смее да допира – договорот што е гарантиран од меѓународната заедница“, изјави Илир Хасани од ДУИ.
Пред пратениците се обрати Весна Дамева од Судскиот совет. Таа рече дека нема да даде оставка и ќе продолжи да ја врши функцијата до крајот на мандатот, уште девет месеци. Дамева обвини за притисоци и закани кои, како што вели, не ја исплашиле, но нападите биле болни за семејството.
„На моменти дури се прашував – дали мора во политиката да се гази врз живи луѓе? Дали политичарите ги имаат предвид семејствата на оние лица кои им се на отстрел. Очигледно деак желбата за власт и за дневнополитички поени е посилна од било кое чувство и било кое средство“, изјави Весна Дамева, член на Судски совет.
По говорот Дамева се врати на работа во Советот, а од владејачкото мнозинство ја обвинија за политичка поврзаност со опозицијата, како и дека е одговорна за слабата доверба во правосудството.
„Благодарам претседателе, мислам дека требаше да реагирате, меѓутоа тоа го одбивам тоа на куртоазноста којашто ја имате, за политичкиот говор којшто го одржа претседателката на Судскиот совет, сакајќи да се промовира како жртва во Собранието“, изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Човекот којшто е правичен, којшто верува во вистината, којшто е убеден човек, верувам таа е убедена сигурно дека е во право, ќе се соочи со вистината, ќе не погледне во очи и ќе се спротивстави. Меѓутоа, да искаже некои зборови тука и д побегне тоа значи дека е навистина виновна“, изјави Халил Снопче, коалиција „ВРЕДИ“.
Според социјалдемократите, се врши упад во судската власт, а интерпелацијата е неуставна.
„На членовите на Судскиот совет одговорност може да утврдува само Судскиот совет, бидејќи тоа е уставна категорија, претставува самостојно и независно тело во судството“, изјави Оливер Спасовски од СДСМ.
Пратеничките групи на СДСМ и ДУИ ја напуштија седницата, најавувајќи дека нема да учествуваат во гласањето. Собранието со мнозинство гласови „за“ ги усвои интерпелациите за Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа, поради нарушување на угледот на правосудството. Немаше против или воздржани.
ИНТЕРПЕЛАЦИИ ЗА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИ СОВЕТ:
ВЕСНА ДАМЕВА – 77 ГЛАСОВИ „ЗА“
ПАВЛИНА ЦРВЕНКОВСКА – 76 ГЛАСОВИ „ЗА“
СЕЛИМ АДЕМИ – 76 ГЛАСОВИ „ЗА“
ТАЊА ЧАЧАРОВА ИЛИЕВСКА – 73 ГЛАСОВИ „ЗА“
МИЉАЗИМ МУСТАФА – 74 ГЛАСОВИ „ЗА“
