Демократска унија за интеграција преку реакција соопшти дека Коридорот 8 останува стратешки проект за државата и регионот и треба да продолжи без оглед на последните случувања и дебатата околу трасата, пренесува ТВ21.
Според ДУИ, одложувањето на посетата на делегацијата на УНЕСКО не влијае врз реализацијата на проектот, при што се нагласува неговото значење за економското поврзување исток–запад и за регионалната интеграција. Од партијата додаваат дека проектот има меѓународна поддршка и треба да се реализира согласно постојното планирање и стандарди.
„Одложувањето на посетата на делегацијата на УНЕСКО не ја доведува во прашање реализацијата на проектот, туку ја потврдува сериозноста и неопходноста тој да се реализира според проектот изработен во времето кога ДУИ беше дел од Владата. Како што видовме вчера, самиот министер за транспорт започна да се повлекува од претходно изнесените ставови и сега тврди дека дилемата не е дали ќе се изгради Коридорот 8, туку која траса е најсоодветна. ДУИ потсетува дека Коридорот 8 е проект од стратешко значење за земјата и регионот, кој го поврзува истокот со западот, ја зајакнува економската интеграција и ја зголемува слободата на движење на граѓаните. Поддршката од Европската Унија и обврските преземени со Тиранската декларација се дополнителен доказ дека овој проект е неспорен приоритет. Покрај тоа, овој коридор нема само економска димензија, туку има и посебно значење за безбедноста и регионалната стабилност, како и за долгорочниот одржлив развој“, велат од ДУИ.
