Дуковски: Разликата меѓу Савески и Коцевски, како небо и земја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Адвокатот Сашо Дуковски во емисијата „Под лупа“ на Алфа истакна дека смета дека постои огромна разлика во професионалното искуство и пристапот меѓу актуелниот државен јавен обвинител Ненад Савески и неговите претходници, пренесува ТВ21.

Според него, Савески има богата кариера во правосудниот систем и е препознатлив како професионален и чесен правник.

Дуковски вели дека го познава Савески од повеќе фази од неговата кариера, потсетувајќи дека работел на предмети во кои Савески бил јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, потоа судија во претходна постапка, а денес е судија на главна расправа во одделението за организиран криминал.

Дополнително, посочува дека Савески е и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

„Искуство од далеку не му недостасува. Јас лично го сметам за исклучително професионален и чесен човек“, изјави Дуковски.

Тој нагласува дека разликата меѓу Савески и поранешниот обвинител Љупчо Коцевски е огромна.

„По мене, тој е небо и земја во однос на поранешните обвинители. Коцевски, на пример, во својата кариера има прескокнато едно скалило – од адвокат преминал директно во Вишото обвинителство. Во својот живот нема напишано ни обвинение за џепна кражба, па како да очекувате дека ќе ги познава работите и соодветно ќе постапува“, рече Дуковски.

Тој додаде дека новиот обвинител ќе се соочи со сериозни предизвици, посочувајќи ги како пример случаите поврзани со бонусите во СЈО и предметот за модуларната болница.

Според Дуковски, за дел од овие случаи веќе постојат донесени обвинителски одлуки, но останува прашањето дали и како ќе се постапува понатаму, особено во предметите кои предизвикаа голем јавен интерес.