Дургутов: Жената може да биде хероина на политичката сцена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дипломатијата во македонскиот јазик е именка од женски род, но нејзиното заживување и отворање кон женскиот род во реалноста не оди со посакуваната брзина. Како земја кандидатка за членка на ЕУ, но од јули годинава и земја преговарач, мора да ставиме поголем акцент на вклучувањето на жената во секоја општествена сфера, вклучувајќи ја и надворешната политика порача на втората меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“, младиот европски амбасадор, Иван Дургутов.

Тој смета дека родовата еднаквост е идеал кој не е постигнат ниту во економски најразвиените, ниту во демократски најнапредните земји.

„Ако ги следиме светските прогнози, за постигнување на балансот и еднаквоста, со ова темпо со кое глобално се движиме, потребни ќе ни се ѝ повеќе од 100 години. Од друга страна, научно е докажано дека тимовите составени од родово мешана структура се поефективни, а со недоволното вклучување на жените, не вклучуваме 50% или повеќе од 50% од нашето население“, вели Дургутов.

Младиот европски амбасадор, Иван Дургутов, подвлече дека како земја до сега сме имале една жена министерка за надворешни работи и ниту една жена на највисоките државни функции – претседател, премиер и собраниски спикер.

„Ова се факти кои не се многу славни и ние како нови генерации мора да работиме и истите бројки да ги подобриме. Времето за ова не е утре, туку беше вчера. Она што треба да остане за вчера, за во минатото зад нас, тоа се времињата во кои родовата еднаквост се гледа исклучиво како “женско прашање, женска работа”. Еднаквоста никогаш не може да биде тема која ќе ги засега само оние помалку застапените, баш напротив тоа е на заедничката агенда за сите нас“, рече Дургутов.

Дургутов верува дека во наредните години нема да има потреба од одржување на конференции за родова еднаквсот.

„Мојот сон е дека за 10 или 15 години кога ќе ги отворам очите повеќе нема да имаме конференции на тема родова еднаквост. Не бидејќи таа тогаш нема да биде важна, туку затоа што ќе биде веќе речиси постигната“, вели тој.

На дводневата меѓународна конференција која е во организација на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи каде што домаќин беше заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, учествуваа бројни политичари, амбасадори, претставници од граѓанскиот сектор, како и експерти за родови прашања од земјава и од регионот, а на повеќе панели се дискутираше на повеќе теми, меѓу кои и за улогата на жените во време на криза, за придонесот на граѓнскиот сектор во процесот на носењето на одлуки, како и за жените во мултилатералната дипломатија.