Просечната потрошувачка кошничка е подготвена уште минатата година, но сè уште не може да биде усвоена поради недостиг на навремени податоци од надлежните институции. Министерот за економија Бесар Дурмиши најави дека на следната седница на Економско-социјалниот совет ќе биде ставена на дневен ред, а по усвојувањето ќе се објавува на месечно ниво.
Дурмиши истакна дека станува збор за просечна, а не минимална кошничка, која според пресметките е околу 13 проценти поевтина од онаа на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Имаме технички проблеми со навремено обезбедување информации од релевантните институции. И ние можеме секој месец да ја објавуваме кошничката, пред крајот на месецот да кажеме колкава е според нашите анализи, меѓутоа, за да бидеме што е можно поискрени и да не отвораме дезинформации во јавноста, сакаме да добиваме информации од релевантните институции, од каде што ги добиваме со задоцнување“, вели Бесар Дурмиши.
Во однос на цените и инфлацијата, Дурмиши информираше дека анализите на Државниот пазарен инспекторат покажале минимален пораст на цените на основните прехранбени производи од околу 0,4 проценти, како и намалување на бруто маржите на околу 15 проценти. Најголем пораст е забележан кај јајцата, маслото, сирењето и дел од хигиенските производи, додека кај овошјето и зеленчукот има намалување.
Министерот најави дека доколку се забележат поголеми прекршувања од страна на трговците, ќе следуваат конкретни мерки, како што веќе се случи во одредени случаи со некои енергенси.
По седницата реагираше претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, според кого клучните прашања за граѓаните не биле отворени.
„За жал, на оваа седница на Економско-социјалниот совет им беше оставено на другите социјални партнери да зборуваат за трошоците на живот и нивниот раст, како и за заштита на куповната моќ на работниците, меѓутоа никој не ја отвори оваа точка на дневен ред. Вредноста на минималната синдикална кошничка од почетокот на годината е зголемена за над 3.300 денари, а ако во едно семејство има двајца работници и со „мизерното усогласување“ на минималната плата од 1.600 денари, тогаш сега недостасуваат околу сто денари само за да се покрие ова зголемување“, вели Слободан Трендафилов.
На седницата на Економско-социјалниот совет беа разгледани и други важни точки, меѓу кои Предлог-законот за младински додаток, измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Оперативниот план за вработување за 2026 година во вредност од околу 40 милиони евра, кој предвидува мерки за самовработување, нови работни места и обуки, Законот за заштита од пушење и извештаи за работата на Агенцијата за вработување, со цел подобрување на пазарот на трудот и намалување на невработеноста.
