Дурмиши: Зголемување на минималната плата само со договор меѓу синдикатите и работодавачите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска повтори дека Владата ќе даде поддршка за секое решение за минималната плата што ќе биде заеднички договорено меѓу синдикатите и работодавачите, нагласувајќи дека зголемувањето на платите мора да се спроведува постепено, со економска сигурност и во стабилна рамка.

Тој најави дека во четврток е закажан состанок со синдикатите од УПОЗ, а во наредниот период и седница на Економско-социјалниот совет, на која се очекува присуство и на синдикатите и на работодавачите. Доколку постои заеднички прифатен предлог, Владата и Министерството, како што рече, ќе застанат зад таквото решение.

Дурмиши потсети дека платите во јавниот сектор веќе се зголемени во повеќе области, меѓу кои здравството, образованието и полицијата, при што, како што истакна, околу 85 проценти од прашањата преку трипартитниот дијалог веќе се затворени. За преостанатите 7.700 вработени, министерот порача дека Владата е подготвена за разговор и договор.

Во однос на платите на функционерите, Дурмиши нагласи дека не е донесена одлука за нивно зголемување и дека конечната проценка ќе се направи по објавувањето на најновите податоци од Државниот завод за статистика.

„Минималната плата ако ве интересира ова ќе биде во месец март нивелирана или зголемувана околу 7 или 8 проценти. Ако ги споиме минатата година, оваа година и другите две години што ни доаѓаат, 2027 до 2028 година, ќе имаме зголемување за околу 40 проценти на минималната плата. Околу 40 проценти ако го земеме предвид дека по 7 проценти или 8 проценти се зголемува минималната плата“, рече тој.