Иран им соопштил на земјите членки на Меѓународна поморска организација дека бродовите кои не се сметаат за непријателски може да транзитираат низ Ормутскиот теснец, доколку претходно ја координираат пловидбата со иранските власти, објави Financial Times, повикувајќи се на писмо испратено до членките на организацијата.
Според извештајот, во писмото иранското Министерство за надворешни работи наведува дека Техеран презел „неопходни и пропорционални мерки“ за да спречи агресорите и нивните поддржувачи да го користат Ормутскиот теснец за операции против Иран.
Во документот се додава дека бродовите поврзани со САД, Израел и други учесници во нападите врз Иран нема да се сметаат за пловни објекти со право на „невин“ или „не-непријателски“ премин.
Тензиите во регионот сериозно го нарушија транспортот на енергенси, бидејќи преку Ормутскиот теснец вообичаено поминува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. Агенцијата Reuters наведува дека не можела независно да ја потврди содржината на писмото.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави во Белата куќа дека САД водат преговори со Иран и дека Техеран „силно сака да постигне договор“.
„Разговараме со вистинските луѓе и тие навистина сакаат договор“, изјави Трамп, додавајќи дека во разговорите учествуваат потпретседателот ЏД Венс и државниот секретар Марко Рубио.
Трамп повтори дека американско-израелските напади, според него, довеле до големи последици за иранската воена инфраструктура и дури до „промена на режимот“, иако додаде дека „не му верува никому“.
Американскиот претседател откри и дека Иран на САД им дал „многу значаен подарок“ поврзан со нафтата, гасот и Ормутскиот теснец, но не откри конкретни детали.
„Вчера направија нешто неверојатно. Ни дадоа подарок, и тој пристигна денес. Тоа беше многу голем подарок вреден огромна сума пари. Нема да ви кажам што е, но беше значајна добивка. Тоа ми покажува дека разговараме со вистинските луѓе. Не е поврзано со нуклеарното прашање – поврзано е со нафта и гас“, рече Трамп.
Тој додаде дека верува оти САД се на добар пат кон договор, а за конфликтот кратко оцени: „Оваа војна е добиена“.
