Два дена до историскиот меч – Бејтулаи: Мотивирани сме, ќе го дадеме најдоброто од нас

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европското фудбалско првенство почнува вечерва, а македонската фудбалска репрезентација својот историски меч, дебитански на едно вакво натпреварување, ќе го одигра во недела со почеток во 18 часот против Австрија.

Самиот пласман на едно вакво натпреварување е голем успех, но фудбалерите се мотивирани и најавуваат дека ќе сторат се што можат, за да направат нов подвиг, а тоа би било пласман во следната рунда.

Првиот меч се игра против Австрија во недела, потоа на 17-ти следува меч со Украина, а последниот натпревар од групната фаза се игра против Холандија во Амстердам на 21 јуни.

Егзон Бејтулаи вели дека тие се мотивирани и ќе дадат најдоброто од себе.

„Дебитанти сме. Очекувањата се измиксани. Некој очекува да ја поминеме групата, за некој сме аутсајдери тотални, со се мораме да се носиме. За нас најважно е дека го знаеме нашиот квалитет, најважно е да се фокусираме на нашата игра, како и што. Имаме уште неколку дена подготовки до натпреварот. Анализите максимално ќе бидат направени, ќе бидеме спремни и ни остануваат 90 минути да го покажеме тоа на терен“, истакна Иван Тричковски.

Македонската фудбалска репрезентација на 21 јуни против Холандија ќе игра без поддршка од трибините.

Тоа стана јасно откако холандската амбасада во Скопје преку својот Твитер налог соопшти дека мерките во нивната земја за забрана за патување од трети земји, надвор од ЕУ, остануваат на сила.

Поради пандемијата со коронавирусот забранет е влез од земји со висок процент на заразени, а на таа листа се уште се наоѓа нашата држава.

Сепак, новина е тоа што во Амстердам од Букурешт ќе патуваат само фудбалерите и стручниот штаб.

Сите претставници на Фудбалската федерација, но и новинарите акредитирани да ги следат натпреварите, ќе се вратат дома.

Од ФФМ потврдуваат дека авионот на 18-ти јуни од Букурешт наместо за Амстердам ќе полета за Скопје. Секако, оваа одлука останува се до последен момент, односно доколку холандската влада не ја смени одлуката, а веројатноста за такво нешто е мала.