Два нови случаи на Западнонилскa треска потврдени во Клиниката за инфективни болести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Два случаи на Западнонилска треска се потврдени во лабораториите на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, соопшти директорот на клиниката, Фадил Цана. Двајцата пациенти се хоспитализирани, под постојан медицински надзор и се третираат според современи медицински препораки.

„Нивната здравствена состојба внимателно се следи“, изјави Цана.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од заразени комарци. Поголемиот дел од заразените лица немаат симптоми или имаат лесна форма на болеста, додека кај мал број пациенти, особено кај постари лица и лица со ослабен имунитет, може да се развијат сериозни невролошки компликации.

Од Универзитетската клиника за инфективни болести апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од убоди од комарци, со користење репеленти, носење облека со долги ракави и долги панталони при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застоена вода во која се размножуваат комарците.

Во моментов нема причина за паника, но се препорачува зголемена внимателност, особено во летниот период кога активноста на комарците е најголема. Граѓаните кои по убод од комарец ќе развијат висока температура, силни главоболки, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми, треба веднаш да побараат медицинска помош.

Клиниката останува во постојана координација со надлежните здравствени институции и внимателно ја следи епидемиолошката состојба. Според последните европски извештаи, оваа сезона веќе се регистрирани случаи на Западнонилска треска во регионот, што ја нагласува важноста на навремената дијагностика, епидемиолошкиот надзор и превентивните мерки.