Двајца од преживеаните пристигнаа во Скопје – во добра здравствена состојба се, ќе им биде укажана психолошка помош

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред Ургентниот центар во Скопје роднините нестрпливо чекаат да пристигна нивните блиски кои ја преживеаја автобуската несреќа во Бугарија.

Околу пладне, во скопскиот Клинички центар пристигнаа две амбулантни возила со првите двајца пациенти кои се третираа во софиската болница „Пирогов“. И 17-годишната девојка и другиот 49-годишен пациент се во добра здравствена состојба. Еден од роднините на помладата пациентка рече дека е среќен што еден член од неговото семејство успеало да се спаси, но изразува жалење за оние кои го загубија животот.

Откако ќе закрепнат, пациентите ќе бидат пуштени на домашно лекување, велат здравствените власти. Тие ќе се третираат на Клиниката за пластична хирургија, а ќе им биде укажана и психолошка помош поради стресот кој го доживеале.

Во добра здравствена состојба се и останатите петмина повредени. Од ресорот здравство најавуваат дека тие ќе бидат префрлени веќе следната недела во различни фази, зависно од нивната здравствена состојба.

Инаку, денеска европратеникот Илхан Ќучук заедно со вицепремиерот Артан Груби и градоначалникот на општината Чаир, Висар Ганиу, го посетија Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Чаир за да изразат сочувство за петте ученици кои трагично настрадаа во автобуската несреќа во Бугарија.